Нашата иднина зависи од нашата заложба за унапредување на економскиот раст, поддршка на успешните бизниси и меѓусебна регионална соработка и взаемно почитување, порача министерот за економија Крешник Бектеши на конференцијата „Investment prospective: Western Balkans“ што денеска се одржува во Софија под покровителство на бугарското претседателство на Советот на ЕУ, во организација на Бугарскиот форум за бизнис лидери (БФБЛ).

Во фокусот на конференцијата е економскиот потенцијал на земјите од Западен Балкан, како и инвестициските перспективи за развој на бизнисот во регионот, а целта е дискусијата на бизнис лидерите да ја поттикне регионалната економска соработка како суштински дел од европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

Бектеши, кој имаше свое излагање на тркалезната маса на тема „Економскиот потенцијал на Западен Балкан“, на која дикутираа вицепремиерот на Бугарија и економските министри од Бугарија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора посочи дека економскиот просперитет е суштински за обезбедување долгорочна стабилност и развој на регионот на ЈИЕ, но и предуслов за поефикасен процес за евроинтеграција.

- Усвојувањето на Стратегијата за ЈИЕ 2020 од страна на владите во регионот ги потврдува заложбите за јакнење на регионалната соработка и поврзување на економиите, потенцирајќи ја идеата за одржлив развој преку поголема координација на националните политики, истакна Бектеши.

Тој потсети дека Берлинскиот процес и Самитот во Париз го задржаа фокусот на регионалното поврзување, при што, како што рече, беше ветено дека ќе се обезбедат дополнителни финансиски средства за подобрување на инфраструктурата во регионот. Бектеши го спомена и изготвениот повеќегодишен акциски план за создавање регионална економска област во Западен Балкан, чија цел е заеднички пристап за унапредување на економската соработка, преку промовирање на понатамошна трговска интеграција, воведување динамичен регионален инвестициски простор, олеснување на мобилноста во регионот и креирање на агенда за дигитална интеграција.

- Имплементацијата на активностите има за цел да овозможи непречен проток на стоки, услуги, капитал и висококвалификувана работна сила, со што регионот ќе стане попривлечен за инвестиции и трговија, забрзување на конвергенцијата со ЕУ и просперитет на сите свои граѓани. Регионалната економска област се базира на принципите на недискриминација, создавајќи еднакви услови за сите во регионот, посочи Бектеши.

Тој ја нагласи посветеноста на македонската Влада за континуирано спроведување на реформската агенда во економијата за да се овозможи подобро деловно опкружување и подобрување на конкурентноста, ставајќи акцент на Планот за економски раст, особено на мерките од третиот столб за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија како носечки столб на целокупната економија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2018 17:33