Претставници на туристичкиот сектор, туристички асоцијации, државни институции со ингеренции врз туризмот, на образовни институции и на локални самоуправи од 12 општини учествуваат на дводневниот тренинг посветен на глобалните стандарди за одржлив туризам што од денеска се одржува во Охрид.
Експерти на Глобалниот совет за одржлив туризам спонзориран од Светската туристичка организација при ОН пред учесниците на собирот ги презентираа стандардите на одржливиот туризам и можностите за спроведување и подобрување на тие практики во Македонија.
Одржливиот туризам се раководи според одредени стандарди што ги имаат предвид сите постојни и идни економски, општествени и еколошки влијанија при задоволување на различните потреби на посетителите, индустријата, животната средина и на локалната заедница.
- Учесниците на собирот ќе бидат информирани што е тоа одржлив туризам, што тој опфаќа, кои се основните разлики меѓу еко-туризмот и рурален туризам. Се работи за тип на стандардизација што ги определува насоките која регулатива, која политика треба да ја претставиме, истакна Елена Иванова, од Швајцарската агенција за соработка.
Првиот чекор во насока на исполнување на стандардите е спроведен во Општина Охрид, како најкомплицирана дестинација во Македонија што произлегува од постоењето голем број дејности, бизниси и институции инволвирани во неговиот туристички развој. Иванова појасни дека извештајот за Охрид е изготвен и доколку се анализира во неколку бои – црвена, жолта и зелена, голем дел од документот е црвен.
- Не значи тоа дека ние не знаеме што е одржливо, туку повеќе упатува на несинхронизираност во преземањето заеднички акции и дефинирање на тоа што е приоритет. Доколку тоа се направи, веќе голем дел од практиките сами ќе ги дефинираат приоритетите. Приватните бизниси тука треба да одат чекор напред и да се брендираат како дејности што поддржуваат одржливи практики, нагласи таа.
Општина Охрид инаку има визија за развој на туризмот и таа, според експертите, е многу блиска до визијата за одржлив туризам на глобално ниво, но прашањето е како истата ќе биде спроведена. Поентата на стандардизацијата е да се разбере што е прифатливо, а што не, не само просто да се развиваат нови пазари туку да се утврдат маргините до каде може да се оди, а понатака секој субјект да го работи она во што е најдобар.
Стандардизацијата за одржлив туризам преставува комплексна проблематика која, според директорот на Глобалниот совет при ОН Ренди Дурбан, се темели врз утврдени начела, насоки, научни постулати што во крајна линија треба да се спроведат за успех во дејноста.
- Македонија во оваа тематика се соочи со специфична ситуација, распадот на поранешната државна заедница резултираше со затворање на тој голем развиен туристички пазар. Туристичкиот бизнис се соочи со предизвиците кој нов производ ќе го замени тоа, каква ќе биде промоцијата, дали ќе се спроведува регионална или поширока меѓународна стратегија... Присуството на туристи од регионот, но и од Европа па и подалечни дестинации се чини дека се потврда за позитивни практики. Охрабрува заинтересираноста кај локалните самоуправи да учат, да ги разберат можностите и предизвиците, сето во насока како да се развива конкретен туристички приизвод и истиот да се промовира, рече тој.
Обуката во Охрид се спроведува во рамки на активностите на швајцарските програми за зголемување на пазарната вработливост и за промоција на извозот, во соработка со Министерството за економија.