Формирана е првата национална Платформа за претпријатија и индустриска политика „Поглавје 20“, во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20“, финансиран од ЕУ преку ИПА програмата за поддршка на граѓанското општество и медиуми 2015.

Платформата, формирана во март годинава, во моментот брои 47 членки - претставници на граѓанскиот сектор, креатори на политики и релевантни институции што дејствуваат во областите на преговарачкото поглавје, соопшти денеска ПСМ Фондацијата.

Платформата активно ќе се вклучи во реформскиот процес на преговарачкото Поглавје 20 како еден од чекорите за влез на земјата во ЕУ. Преку бројни активности на своите членки, Платформата ќе креира сопствен ресурсен центар со материјали релевантни за следењето на реформските приоритети на Поглавје 20 со јавно достапни ресурси, преку кои ќе се поддржи трансферот на знаење и координација помеѓу граѓанските организации и другите релевантни чинители на национално ниво.

Таа активно ќе работи на јакнење на капацитетите на граѓанските организации за креирање и следење на политики преку организација на обуки, вебинари, експертски средби, форуми за споделување на добри практики, истражувања и други активности, се наведува во соопштението.

Платформата координирано ќе придонесе во следењето и реализацијата на клучните реформски приоритети, преку имплементирање на активности и спроведување на анализи со препораки за подобрување на конкурентноста и иновативноста на МСП, подобрување на дијалогот со бизнис заедницата, подобрување на деловната клима за креирање нови бизниси и обезбедување на подобар пристап до финансии.

Иницијатори за нејзино креирање се Фондација Претприемачки сервис за млади, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и Здружение за Рурален развој „Јавор“.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2018 14:35