Извори во американската Влада вчера информираа дека Кина понудила да го намали својот трговски суфицит со САД за 200 милијарди долари годишно.
Двете земји имаат трговска размена од околу 700 милијарди долари, од што американскиот извоз во Кина изнесува само 150 милијарди долари - дисбаланс кој претседателот Доналд Трамп вети дека ќе го намали. Според информациите од Вашингтон, кинеските власти наводно понудиле да ги намалат давачките за увоз на американски земјоделски производи како што се овошјето, свинското месо, виното и јаткестите плодови, што може да им помогне на САД да го намалат дефицитот.
Според аналитичари, сепак, на САД ќе им биде тешко да го намалат трговскиот дефицит, имајќи предвид дека Кина веќе купа девет од сите десет авиони произведени од Боинг. Главни американски извозни артикли во Кина се авионите (16 милијарди долари годишно) и сојата (12 милијарди долари).