Стечајниот управник на „Фени Индустри“ Мирослав Анастасиевски ги отфрли како паушални информациите изнесени од Слаѓана Тасева на нејзината прес-конференција и кои служат единствено за дефокусирање од фактичката состојба.
- Ваквите постапки се директно мешање и медиумски притисок на водењето на стечајната постапка. Планот за реорганизација е доставен во законски предвидениот рок, а стечајниот судија треба да постапи согласно Член 235 од Законот за стечај. Јас како стечаен управник сум должен согласно член 225 да се изјаснам по поднесениот план за реорганизација. Слаѓана Тасева кога веќе го цитира моето изјаснување по поднесениот план за реорганизација, требала тоа да го направи во целост, а не да си зема за право да манипулира со текстот со пренесување на селективни и делумни информации со цел да ја испревртува вистината, се вели во реакцијата на стечајниот управник Мирослав Анастасиевски.
Директорката на Транспаренси Интернешнел Македонија Слаѓана Тасева на денешната прес-конференција го повика стечајниот судија Валентина Ѓеоргиевска да постапи според Законот за стечај и да го отфрли планот за реорганизација на стечајниот должник Фени индустри АД Кавадарци како ненавремен укажувајќи на суштински повреди.
- Транспаренси Интернешнл Македонија смета дека стечајниот судија морал да донесе решение за отфрлање на планот како ненавремен и постапката да ја продолжи согласно законот, рече Тасева.