Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска го критикуваше целиот свет за тоа што не успеал да се спротивстави на „израелското насилство врз невооружените Палестинци“ во Појасот Газа.
- Исламскиот свет падна на испитот за Ерусалим. Не само исламскиот свет, но и целиот свет падна на испитот за Ерусалим, рече Ердоган во говорот пред демонстрантите на плоштадот Јеникапи во Истанбул, кои се собраа во знак на поддршка на Палестинците.
Ердоган го повика муслиманскиот свет да ги поддржи Палестинците обвини САД и ОН за смртта на десетици палестински демонстранти. - Ако муслиманскиот свет застане заедно против суровоста во Газа, непромисленоста на Израел нема да продолжи, изјави Ердоган пред илјадниците негови поддржувачи на плоштадот Јеникапи, кои виореа турски и палестински знамиња.
- ОН, кои не успеаја да преземат ефективни чекори против САД, претрпеа уште еден удар врз својот веќе потрошен легитимитет, рече Ердоган.
Демонстрациите беа организирани по повикот на Ердоган, кој жестоко го критикуваше Израел по убиството на 60-те Палестинци од страна на израелски војници во Газа во понеделникот, за време на протестите поради преселувањето на Амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во Ерусалим.