Цените на нафтата достигнаа највисоко ниво во последниве три и пол години, како последица на драстичното намалување на нафтеното производство во Венецуела, растот на глобалнаѕа побарувачка на енергенсот и одлуката на САД за воведување нови санкции кон Иран.

Воведувањето американски санкции кон Иран, кој произведува околу четири проценти од вкупното нафтено производство во светот, би можело да доведе со намалување на снабдувањето со нафта од Блискиот Исток, во момент кога понудата и побарувачката на „црното злато“ се речиси изедначени, а Саудиска Арабија и Русија преземаат мерки за одржување на неговата цена.

Во јануари 2017 година Организацијата на државите извознички на нафта (ОПЕК) и неколку други земји производители на енергенсот кои не се членки на картелот, предводени од Русија, постигнаа договор за намалување на дневното нафтено производство за 1,8 милиони барели, со цел да ја спречат тогашната тенденција за намалување на цената на енергенсот.

Според експертот на швајцарската банка „Јулиус Баер“, Норберт Рикер геополитичката врева и стравот од ескалација на тензиите на Блискиот Исток нема да се намалат за брзо време.

- Во фокусот е загриженоста за снабдувањето со нафта откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран, вели Рикер.

Експертите проценуваат дека американските санкции кон Иран би можеле да ја намалат понудата на нафта на светските пазари за над милион барели дневно.

Врз високите цени на нафтата влијае и длабоката економска криза во Венецуела, погодена од намалувањето на цените на нафтата која е главен извозен производ на земјата, како и од повеќегодишното несоодветно раководење со економијата, корупцијата и преголемата јавна потрошувачка.

Венецуелските власти не објавуваат речиси никакви економски податоци, но според независни проценки економијата на земјата во текот на минатата година забележала пад од 14 отсто, а слична тенденција продолжува и во првите месеци од оваа година.

Аналитичарите на банката „Барклиз“ проценуваат дека нафтеното производство во Венецуела веројатно е намалено на под еден милион барели дневно. Според податоците на ОПЕК, оваа нејзина членка минатиот месец произведувала по околу 1,5 милиони барели дневно.

Во исто време, глобалните резерви на нафта и нафтени деривати драстично се намалија во изминатите неколку месеци, поради зголемената побарувачка и ограниченото производство на енергенсот од страна на најголемите светски производители.

Ваквиот тренд се очекува да продолжи и во наредниот период, а дополнителен притисок врз цената на нафтата ќе има и очекуваната зголемена потрошувачка на енергенсот во САД во текот на летните месеци.

Според аналитичарите, дури ни рекордното производство на нафта во САД, кое неодамна достигна 10,7 милиони барели дневно, што е речиси колку и производството на нафта на Русија, нема да го запре растот на цените на енергенот.

Токму поради овие предизвици, аналитичарите на „Барклиз“ сметаат дека просечната цена на нафтата во текот на оваа година ќе изнесува околу 70 долари за барел, а во текот на 2019 година околу 65 долари.

Овие цени се за седум, односно пет долари, повисоки во однос на просекот од првите пет месеци годинава.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2018 09:12