После повеќе од 10 години јавниот долг е ставен под контрола, отплатени се дел од старите долгови, зголемена е рочноста на издадените државни хартии од вредност, намалена е каматната стапка и зголемена е довербата кај инвеститорите, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на јавната дискусија на Економскиот факултет насловена „Јавните финансии на крстопат“.
Тој посочи дека Владата успешно го менаџира јавниот долг и , како што рече, иако е наследен брзорастечки долг од претходната влада, новата Влада првпат после осум години успева да го намали долгот на годишно ниво.
- Владата планира постепена буџетска консолидација, со буџетски дефицит од два отсто на среден рок. Отплатени се стари долгови, подобрена е структурата на долгот преку зголемена рочност и пониски каматни стапки. Зголемена е и довербата на инвеститорите ако се земе предвид дека е издадена еврообврзница со историски најниска каматна стапка од 2,75 проценти, како и државна обврзница со рочност 30 години. Зголемената доверба се гледа и од извештаите на кредитните агенции, како на пример „Фич“ кој го подобри изгледот за рејтингот на земјата, рече Тевдовски.
Тој најави реформи во јавните финансии до крајот на годинава.
- Согласно Акцискиот план за спроведување на Програмата за реформи во управување со јавните финансии годинава ќе се подготви законската регулатива за нов систем за јавни набавки, за повеќегодишно буџетирање и претпополнета даночна пријава за олеснување на обврските на даночните обврзници. Во насока на зголемување на транспарентноста како една од најкрупните реформи која ќе се спроведе е објавување на Трезорот на веб, односно целосен увид на јавноста во сите расходи на државната каса во реално време, посочи Тевдовски.
За фискалната транспарентност рече дека е клучна алатка за подобрување на управувањето со јавните финансии.
- Досега се преземени 15 чекори за зголемување на увидот на јавноста во јавните финансии. Тие чекори се однесуваат на објавување на извештаи што досега не се објавувале, зголемување на фреквенцијата на објавување на податоците, јавна дебата за Буџетот, подобрување на веб-страницата на Министерството за финансии, јавно достапна платформа Отворени одатоци на Бирото за јавни набавки, изработка на граѓански буџети и приклучување на Македонија кон меѓународниот стандард за владини статистики на ММФ, појасни Тевдовски.
Нагласи дека е подобрена наплатата на даноци, како и дека значително е зголемен повратот на ДДВ што, како што кажа, ќе придонесе за подобра ликвидност на фирмите и нови инвестиции.
- Приходите се насочени кон повеќе средства за активни мерки за вработување, за финансиска поддршка на малите и средни претпријатија, како за раст на платите во образование, здравство и АРМ, рече Тевдовски.
Со креирањето на подобар систем за управување на јавните финансии, посочи, ќе се постигнат повисоки и одржливи стапки на економски раст.
- Владата активно работи на подобрување и унапредување на системот на управување со јавните финансии и направен е значаен чекор во подобрување на системот преку зголемување на транпарентноста, управањето со јавниот долг, подобрувањето на приходната страна и реформските закони, потецнира министерот за финасии.