Националната федерација на фармери (НФФ) бара минималната откупна цена на пченицата да биде 12 денари по килограм и договорите во кои ќе биде пишана и цената и рокот на плаќање да се склучат пред жетвата, согласно Законот за земјоделство и рурален развој, како и државата да спроведе интервентен откуп на пченицата на 1 јули кога започнува жетвата.
Како што посочуваат од НФФ, нивната анализа покажала дека производната цена на пченицата за 2018 година изнесува околу 12 денари по килограм, а врз неа големо влијание имало поскапувањето на нафтата што, како што велат, повлече поскапување на сите репроматеријали.
- Во моментов земјоделците укажуваат дека квалитетот на пченицата е добар, а пролетните дождови позитивно влијаат врз родот и квлитетот. Од друга страна, загрижува информацијата дадена од млинарите дека нема да спроведат откуп на пченица доколку не се врати стариот Правилник за маркици за увозно брашно. Според земјоделците, ова е можна манипулација за повторно да се откупи пченицата по пониска цена од седум до 10 денари по килограм, како во минатите години, иако производната цена расте и се движи од девет до 12 денари по килограм, велат од НФФ.
Нагласуваат дека интервентниот откуп на пченица од домашно производство е законска одредба за пченицата која е стратешки производ во државата.
- Според Законот за земјоделство и рурален развој минималната количина која може да биде понудена од еден откупувач е 10.000 килограми, а максималната 50.000 килограми пченица, велат од НФФ.
Потсетуваат дека лани Владата на Србија донесе одлука на 27 јуни да започне интервентен откуп на пченица за државни стоковни резеврви со одредена цена и со рок на плаќање за 15 дена и инсистираат ваква пракса да се спроведе и во Македонија.
Според информациите на НФФ од терен, површините со пченица се намалуваат, бидејќи трошоците за производство се зголемуваат, а откупните цени се намалуваат. Годинава се очекува родот на пченица да биде над 200.000 тони.
Националната федерација на фармери преку допис од пред еден месец побара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ја свика Потсекторската група за жито и на заедничка маса да се разговара за откупот на пченицата.