На 3.828 тутунопроизводители денеска ќе им бидат исплатени субвенции во износ од 235 милиони денари или близу 3,9 милиони евра за тутунот од реколтата 2017, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Таа сума е дел од преостанатите 20 отсто за исплата на субвенциите за тутунот.
Ресорното Министерство укажува дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги обработува решенијата за преостанатите субвенции за тутунот, и се очекува комплетно да заврши во текот на следната недела.
Минатата недела беа исплатени 22 милиони евра или околу 80 отсто од вкупната сума за исплата на субвенции за тутунот, на 20.880 тутунари. Сумирано со денешната исплата, досега се исплатени близу 26 милиони евра за субвенции за тутунот од реколтата 2017 за 24.708 тутунари.
- Тутунарите добија зголемени субвенции за тутунот, односно според новиот модел на субвенцирање со кој субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, за втора класа 70 денари, а за трета, четврта и дополнителните класи субвенцијата изнесува 60 денари за килограм. Целта на новиот модел на зголемено субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција, наведува МЗШВ и потенцира дека оваа година е постигната убедливо највисока просечна цена за тутунот од 217,6 денари за килограм.
Тутунопроизводството е значајна гранка за македонското земјоделство, која што носи девизен прилив од околу 100 милиони евра годишно.
Во насока на создавање поволни услови и поттикнување развој на оваа култура, МЗШВ најавува и нов закон за тутун, кој е во финална фаза. Со него се предвидува укинување на поднесувањето евидентни листови, со што значително се олеснуваат административните процедури.