Планот за реорганизација на Фени не е најдоброто решение за комбинатот и крие многу опасности, сметаат од Минстрој холдинг АД Софија кои порачуваат дека треба да се оди на варијанта со впаричување на имотот.
- Наше мислење е дека со доставениот и предложен план за реорганизација нема да се постигне целта на стечајната постапка, односно најголем дел од доверителите нема да бидат намирени или ќе бидат намирени во износ од 15 проценти, што е многу мал износ за вредност на имот на комбинат од преку 72 милиони евра, во ситуација кога долговите на Фени се помали од неговиот имот и кога постои начин доверителите целосно да бидат намирени, рече денеска на прес-конфренција правниот застапник Ивица Јевтиќ.
Додаде дека со впаричување на имотот на Фени како алтернатива чија основа произлегува од законските одредби на Законот за стечај ќе се постигне многу поголема цена, доверителите ќе се намират во целост и ќе се добие сигурен инвеститор кој ќе вложи во иднината на Фени.
Појасни дека согласно член 236 од Законот за стечај, доколку дел од доверителите со планот за реорганизација нема да бидат 100 отсто намирени, а постои можност со впаричување на имотот истите да се намират стечајниот судија може да не го одобри планот за реорганизација и апелираат до стечајниот судија и до Собранието на доверители да го имаат предвид фактот дека постои можност каде што ќе се спроведе инвестициската политика на Комбинатот, ќе се намират сите доверители и Комбинатот повторно ќе работи, а тоа е со откуп на целокупните пријавени побарувања во стечајната постпка или со впаричување на имотот на Фени.
Тој потенцира дека нивната понуда во однос на Фени е сериозна и оти тие сакаат успешното работење од Злетово и Тораница во Македонија да ја пресликаат и во Фени.
- Сериозно стоиме на нашата понуда за 100 проценти откуп на побарувањата на сите доверители на комбинатот Фени како и 30 милиони евра инвестиции во ремонт и обнова на комбинатот, 10 милиони евра инвестиција во повторно отворање на рудникот Ржаново и 100 милиони вкупна инвестиција во комбинатот, враќање на сите вработени, дополнителни 300 вработени во рудникот Ржаново, намирени добарувачи и нови инвестиции во комибинатот, рече Јевтиќ.