Гувернерот на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Драган Тевдовски денеска присуствуваа на министерскиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција во Советот на ЕУ, во Брисел што секоја година се одржува во рамки на Програмата за економски реформи на земјите-кандидати.
На состанокот, информираат од НБРМ, земјите од ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција ги усвоија заедничките заклучоци од овогодинашниот економски и финансиски дијалог.
- Заклучоците содржат позитивни оценки за поставеноста на монетарната политика, стабилноста и остварувањата на банкарскиот систем, вклучително напредокот во однос на намалувањето на степенот на евроизација на билансите на банките и на нефункционалните пласмани, соопшти НБРМ.
Земјите на ЕУ, Европската комисија и Европската централна банка, се додава во соопштението, препорачуваат да продолжи стратегијата на стабилен девизен курс, која е во прилог на одржувањето на ценовната стабилност во економијата.
- Имплементацијата на стратегиите за управување со нефункционални пласмани и деевроизација, кои беа претходно препорачани во рамки на овој дијалог и тековно се во процес на консултација со други релевантни институции, во иднина се очекува да придонесат за натамошно подобрување на монетарната трансмисија и на кредитирањето на приватниот сектор, се нагласува во соопштението од НБРМ.