Банките од регионот ќе соработуваат со Европската банкарска федерација за сајбер безбедност, законите против перење пари, Базелскиот договор, што неодамна беше донесен.

На овие теми денеска во Скопје разговараат претставници од Европската банкарска федерација, Македонија, Албанија, Турција, Србија, БиХ и Хрватска во рамки на 46-тиот состанок на асоцијативните членки на Европската банкарска федерација, чиј домаќин е Македонската банкарска асоцијација.

- Банкарскиот сектор е многу променлив односно доживува голем број промени после големата криза што ја доживува ЕУ. Во ЕУ беа донесени голем број регулативи што денеска веќе се во сила. Се повеќе луѓето сакаат да ги користат дигиталните услуги извршуваат плаќање преку нивниот мобилен телефон. Тоа ЕУ секако го нуди како можност на своите граѓани. Токму затоа ја донесе таа директива за дигитални плаќања, изјави Вим Мијс, главен извршен директор на Европската банкарска федерација.

Тој додаде дека е важно што сите дигитални можности што ги нуди модерното банкарство носат и свои ризици, што се однесуваат и на заштитата на приватноста.

- Стапи на сила новата регулатива за заштита на лични податоци на ЕУ (GDPR) и секако сите оние ризици поврзани со сајбер напади. Токму затоа нашата Европска банкарска асоцијација соработува со голем број европски тела како што се Eуропол и други, истакна Мијс.

Појасни дека новата директива за општи податоци не се однесува само на банкарскиот сектор, туку општо на дигиталната економија.

- Порано банките имаа пристап и ги имаа нашите податоци, меѓутоа сега со користење на дигиталните услуги овие податоци веќе се достапни и на поинаков начин. Пристапуваме на Фејсбук, Гугл и тоа значи дека нашите податоци се користат во различни бизнис модели, дека имаат вредност и дека треба ние да бидеме способни да си ги следиме, односно да знаеме каде се употребуваат нашите податоци, рече Мијс и оцени дека како банки секогаш работат со пари, со приватност и оти веќе се добро обучени да постапуваат, односно да ги чуваат личните податоци.

Европската банкарска федерација има 32 членки и нивната задача се однесува на ЕУ регулативите и застапување на нивните членови кои се движат околу 450 банки.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2018 16:20