Десет милиони денари државна помош ќе добијат годинава Локалните акциски групи (ЛАГ-ови). Во Македонија се регистрирани вкупно 13. Тие денеска и официјално ги добија решенијата од Министертвото за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Како што рече ресорниот министер Љупчо Николовски пред доделувањето на решенијата, ефикасното функционирање на ЛАГ-овите беше тема за која долго време само декларативно се зборуваше, додека во пракса ситуацијата беше статус-кво.

- Нашата крајна цел е регистрирање ЛАГ-ови на целата територија на Македонија и нивно активно вклучување во креирањето, но и корегирањето на земјоделските политики, истакна Николовски.

Локалните акциски групи се вид јавно приватно-партнерство во кое се вклучени земјоделци, земјоделски здруженија, деловни субјекти и општини. Овој модел на заедничко функционирање овозможува висок степен на демократија и учество во реализирање на приоритетите, пред се, на поединците од соодветните подрачја каде што е формиран ЛАГ-от.

Руралниот развој, здравството, земјоделството, културата, социјалата, ..., се само некои од сферите на чие подобрување се фокусирани Локалните акциски групи.

Според Министерството за земјоделство, во Македонија би можеле да се формираат околу 20 ЛАГ-ови. Земјава уште нема добиено акредитација од ЕУ за повлекување средства наменети за Локалните акциски групи, но процедурата, како што информира министерот, е во тек. Се очекува од 2020 година да имаме целосен пристап до фондовите преку ИПАРД програмата.

Министерството за земјоделство води регистар на ЛАГ-ови. Само Локална акциска група впишана во регистарот ќе може да биде корисник на средствата од ЕУ и на државната помош.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2018 13:06