Меѓународната финансиска корпорација, членка на Групацијата Светска банка, заедно со Министерството за економија на Република Македонија и Владата на Швајцарија преку проект ќе работат на подобрување на деловната клима во земјава, преку зајакнување на нејзиниот систем за несолвентност. Проектот за решавање на долговите ќе се спроведува во наредните четири години, a се очекува да ги намали ризиците за кредитирање и да доведе до поголемо кредитирање, што ќе помогне во зачувување на постоечките и создавање нови работни места.

Меморадумот за спроведување на проектот денеска го потпишаа министерот за економија Крешник Бектеши и регионалниот менаџер за Централна и Југоисточна Европа на МФК, членка на Групацијата Светска банка, Томас Лубек. Проектот ќе ги опфати правните и регулаторните реформи, а ќе обезбеди и услуги за градење капацитети и кампања за подигање на јавната свест.

Бектеши истакна дека целта на проектот за решавање на долговите и излегување на деловните субјекти е да се надминат сегашните пропусти во рамката за инсолвентност.

- Нашата цел е промовирање на опкружување што е поволно за деловните субјекти преку создавање на ефикасна заштита за деловните субјекти и инвеститорите, рече министерот за економија.

Од донесувањето на сегашниот закон се поминати 12 години, што според министерот Бектеши, е долг период во кој се менувале околностите, условите и сознанијата преку практиките од спроведување на Законот за стечај.

- Неспорна е, истакна, потребата од креирање ново, функционално законско решение со кое ќе се овозможи заштита на инвеститорите и нивните бизниси, ќе се врати довербата на бизнис заедницата во законот како механизам на заштита на претпријатијата со привремени финансиски проблеми. Нашата цел е да се создаде решение со кое ќе се поттикнат претпријатијата со тешкотии, да се обидат да преговараат за привремено ослободување на долговите и да ги договорат условите за подмирување на долгот надвор од судот, преку соодветен механизам за инсолвентност, рче Бектеши.

Лубек оцени дека ефикасниот систем за разрешување на долговите обезбедува подобра алокација на капиталот за деловните субјекти и спречува настанување нефункционални кредити.

- Резултатот, како што истакна, е зголемен поврат за доверителите и подобра заштита за економски одржливите компании.

Тој порача дека целта е да се подобри рамката за инсолвентност што ќе ги поттикне банките повеќе да кредитираат во реалниот сектор, но исто така ќе влијае и на подобрување на севкупното опкружување во РМ, кое, како што оцени, е веќе силно.

Преку проектот, како што истакна, ќе се направи и обука на судиите и стечајни управници за да се подобри состојбата.

- Според состојбата денес судиите имаат многу тешка задача пред себе. Еден ден гледаат парнични предмети, во друг ден гледаат кривични предмети, потоа добиваат стечаен предмет, рече тој.

Стабилните режими за инсолвентност им овозможуваат на деловните субјекти да соработуваат со заемна доверба. Системот за солвентност, што функционира правилно, може да се користи како делотворен последен избор за решавање на долговите или, во случајот на должниците, како штит за деловните субјекти кои се соочуваат со привремени финансиски потешкотии.

Механизмот за забрзано решавање на инсолвентноста ќе им помогне на вторите да преговараат за привремено олеснување и да се договорат за условите за разрешување на долгот вон судовите и однапред.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2018 15:58