Четириесетчлена македонска делегација од компании, Стопанската комора на Македонија, Сојуз на стопански комори, Инвест Македонија и Министерството за надворешни работи, учествува на тридневниот бизнис форум: „ФРАНЦИЈА - БАЛКАН 2018“, што се одржува од денеска во Белград, во организација на француската државна агенција за инвестиции и развој „Business France“.
Целта на бизнис форумот на кој се присутни над 400 компании од 12 држави е да се унапредат трговските односи со Франција, да се поттикнат инвестициите и заедничката соработка во регионот.
На форумот, кој го отвори српската премиерка Ана Брнабиќ, покрај експерти, менаџери на големи светски корпорации, претставници од владиниот сектор и јавни институции, учествуваат сопственици на големи производствени компании од Франција присутни на Балканот, како и стопанственици од 12-те држави - партнери на бизнис форумот: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Хрватска, Грција, Косово, Молдавија, Црна Гора, Романија и Србија.
Фокусот на овогодинешниот Бизнис форум е ставен на земјоделско-прехранбената индустрија, информатичката технологија, автомобилската индустрија, туризмот, инфраструктурата и енергетскиот сектор, а особено на обновливите извори на енергија. Се претставуваат можностите и финансиската поддршка коишто ЕУ преку Берлинскиот процес и заедничките фондови ги нуди на земјите од Западен Балкан за поттикнување на економската соработка, како и полесно пробивање и наоѓање партнери за соработка со земјите од Унијата.
Даниела Михајловска Василева од Стопанската комора на Македонија за МИА изјави дека бизнис форумот има два сегмента, односно да се добијат сериозни пораки во делот на интересот на Франција за инвестирање во регионот и во делот на можностите за добивање на финансиска подршка од ЕУ преку Франција, и тоа преку директни средби на форумот.
- Ова е првпат ваков голем настан на кој француските компании изразуваат сериозен интерес за соработка во регионот, вклучително и за соработка со компании од Македонија, а и интересот на компаниите од Македонија за соработка е на сериозно ниво, за што говори учеството на над 40 претставници, изјави Михајловска Василева.
Според неа, покрај Германија како наш најголем бизнис партнер, економскиот форум претставува одлична можност за македонските компании да остварат билатерални средби со потенцијални бизнис партнери од Франција во делот на дистрибуција на француски технологии, продукти, услуги на домашните пазари, набавка на нова опрема и технологии од Франција за подобрување на капацитетите, наоѓање француски партнери за заедничко аплицирање на тендери, како и за инвестирање во зголемување и проширување на производствените капацитети на Балканот. Исто така, компаниите ќе имаат можност за потенцијално партнерство за заеднички настап на трети пазари.
Вкупната трговска размена на Македонија со Франција за периодот јануари - март 2018 година изнесува 50,3 милиони долари што претставува раст од скоро 67,7 проценти во однос на истиот период во 2017 година. Вкупната трговска размена на Македонија со земјите од Западен Балкан за 2017 година изнесува 1,41 милијарди долари и учествува со 10,50 проценти во вкупниот обем на размената.