Вредноста на увезените половни возила од денеска во царината ќе се пресметува електронски. Електронски систем што од денеска е пуштен во работа ќе ја определува електронскиот систем врз основа на внесување на бројот на шасијата на возилото.
Ова го соопшти директорот на Царинската управа на Република Македонија Ѓоко Танасоски на денешната средба со новинарите.
- Со ова електронско определување на вредноста на моторното возило се овозможува транспарентност и она на што се жалеше деловната заедница - субјективизмот при определеување на цената на возилата што се царинат, така што на овој начин ќе добиеме реална цена што нема да подлежи на субјективизам, рече директорот на Царинската управа.
Појаснува дека царинската постапка го задржува сегашниот тек со таа промена што вредноста ќе се определува врз основа на внесување на бројот на шасија во електронскиот систем што ќе ја исфрли вредноста и затоа, оценува директорот, во тој дел од постапката при самото определување на вредноста на половното возило ќе се избегне каков било субјективизам или можност за корупција.
Појасни дека во досегашното решение оставен е простор за субјективизам во определување на вредноста на половното возило во делот што каталогот „Шваке“ дава минимална и максимална цена за царинење на возилото во зависност од дополнителната опрема.
- Со новиот начин на електронско определување нема да има влијание странично врз вредноста на половното возило, истакна Танасоски.
Во однос на увозот на возила во Македонија, од Царината најавија дека се подготвуваат нови закони за акциза и за возила според кои возилата нема да подлежат на акциза, но давачките при увозот нема да се променат. Тоа, како што посочија, ќе се должи што со новиот закон за возила ќе имаат данок чија висина ќе зависи од вредноста на возилото, емисија на CO2 и дали е дизел или бензин.
Новите закони, како што истакнаа, се подготвуваат поради потребата да се усогласат со законодавството до ЕУ. Законските решенија треба во владина процедура да влезат до крајот на годинава.
Царината во првите пет месеци реализирала наплата на приходи за 4,3 проценти повеќе од планираното за 2018 година и за 10,7 проценти повеќе од 2017 година.
- Со ова се остваруваат прогнозите што ги дадовме и на крајот на претходната година, а и на почетокот на оваа, дека Царинската управа со зголемување на самата дисциплина и на економските оператори, како и на подобрување на самата опретивност и работа на царинските служби има позитивно влијание врз приходите во буџетот, изјави директорот на Царината.