Платежната агенција денеска соопшти дека од денеска се ставени на располагање новите средства за поврат на инвестиција за нови овошни и лозови насади, како и за набавка на педигрирани високостелни јуници.

До крајот на јуни годинава сите земјоделци кои од 1 октомври до 31 декември 2017 година ги зголемиле стадата или формирале нови, ќе имаат можност да аплицираат за добивање средства за мерката Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства од Програмата за рурален развој.

- Со овие средства фармерите може да повратат 50 до 75 отсто од вкупната инвестиција за оригинални или мелезни високостелни педигрирани јуници, со исклучок на јуници од расата „Буша“. Исто така преку оваа мерка се признаваат трошоците за набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла овци, кози, оригинали или мелези на свињи (нерези и назимки), оригинали или хибриди од увоз или со потекло од признаени организации согласно Законот за сточарство. Освен поволности за набавка на расни грла добиток, од денеска може да се аплицира и за мерката за подигање нови повеќегодишни лозови и овошни насади, повеќегодишни насади на ароматични растенија и медоносна флора(фацелија, еводија, и багрем) на нови површини, информира Агенцијата.

Барањата се поднесуваат електронски. Ако земјоделците немаат услови сами да ја пополнат апликацијата, може да им ја пополнат вработените во Подрачните единици на Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството.

- Условите за добивање на оваа мерка се минималната посадена површина која треба да ја имаат е 0,2 хектара, како и бројот на садници да е соодветен на културата која ја имаат посадено. Сите земјоделци кои ќе ја добијат оваа државна помош, имаат обврска бројот на расните грла, како и бројот на садници да ги задржат и во наредните пет години, рече директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/06/2018 16:21