Две нови инвестиции во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 1 во вкупен износ од 11 милиони евра, во кои ќе се отворат по 80-тина работни места, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

- Комисијата за економски совет донесе препорака до Владата да ги усвои договорите за државна помош за инвестицијата на „Зенит интернешенал продукт“ од ОАЕ од три милиони евра со 80 вработувања која во зоната во Бунарџик ќе произведува грејачи за бојлери и на турската „Балканлар пластик“ која ќе инвестира осум милиони евра во капацитет за призводство на амбалажа-лиена пластика, и исто така ќе обезбеди 80 вработувања, рече Анѓушев на прес-конференција во Владата.

Вицепремиерот информираше дека во првиот квартал годинава во Македонија според податоците и врз основа на методологијата на НБРМ се влезени 235 милиони евра странски дирекни инвестиции, што, потенцираше, се рекорден износ во последните 12 години.

Анѓушев не го коментраше барањето за предвремени парламентарни избори што го упати опозициската ВМРО-ДПМНЕ од вчерашниот митинг, но забалежа дека многу чести избори не се поволни за економските активности. На критиките од опозицијата најави дека ќе одговараат со аргументи и бројки.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2018 18:42