Предложените измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост со кои до крај на 2021 година се овозможува поднесување барања за приватизација на државно земјиште денеска беа едногласно поддржани од собраниската Комисија за финасирање и буџет.
Како што потсети заменик министерката за финансии Ширет Елези, по истекот на рокот за поднесување барања по тој основ на 15 декември 2014 година не можеа да се поднесуваат нови барања за приватизација.
- Во изминатиот период пристигнаа многу реакции од граѓани кои не успеале да го запазат рокот за поднесување барање за приватизација, рече Елези.
Таа дополни дека со законот се пролонгираат и примените на одредбите за закуп, односно се одложува утврдување на кирија за оние кои нема да го приватизираат земјиштето. Воедно се пролонгира и рокот за поднесување пријава за промена од корисничко право во право на сопственост до 31 декември 2022 година. Се продолжува и рокот за барање за промена на барателот на приватизација на градежно земјиште.
Пратеникот Панчо Минов од ГРОМ рече дека тој го иницирал носењето на законот пред шест месеци, како резултат на барања од голем број граѓани, и оти таков предлог имала неговата колешка од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласоска.
- Немаше логика поради тоа што беше испуштен рокот, што беше пролонгиран повеќепати, да се губи право на сопственост засновано на сопственички документи, па дури и од неследство од генераија на генерација граѓани. Покрај одземање на тоа право се ограничува и правото да располага со имотот за пренесување, давање во наследство, за градење, а апсурдно беше и воведувањето закуп, оцени Минов.
Никола Мицковски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така изрази задоволство од предложените законски измени бидејќи, како што истакна, конечно за законското решение кое беше донесен во минатиот период со можност граѓаните да приватизираат градежно земјиште и што долги години беше напаѓано, Министерството за финансии ги увиде позитивните работи и даде пак таква можност . - Се надевам дека и другите позитивни законски решенија кои беа донесени ќе наидат на позитивен одѕив и во Министерството и ќе бидат продолжени, наведе Мицковски.
На седницата на Комисијата за финансирање и буџет беа усвоени и предложените измени на Законот за акциза, со кои се уредува дека Царинската управа ќе може да ги уништува неупотребливите контролни марки под царински надзор на сопствен трошок. Со сегашниот закон не е прошишана одредба за постапување со контролните марки за обележување меѓупроизводи, етил алкохол и тутунски добра кои не се подигнати од производителот или увозникот, со што настанува залиха во Народната банка на РМ.