„Време е за дигитализација“ е тема на единаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура што од денеска до 8 јуни ќе се одржи во Охрид во организација на Народната банка на Република Македонија во соработка со Централната банка на Холандија. На отворањето на конференцијата е најавено обраќање на гувернерот на НБРМ Анита Ангеловска-Бежоска.

На конференцијата, што традиционално има меѓународен карактер, предавачи се високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки кои му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка. Оваа година потврдено е учеството на претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка, што недвосмислено го потврдува високиот квалитет и препознатливоста на оваа конференција во меѓународни рамки.

Конференцијата ќе опфати теми коишто, меѓу другото, ќе се однесуваат на новите дигитални технологии за плаќање развиени од секторот Финтек, безбедноста во дигиталната трансформација, глобалните трендови во финансирањето на трговијата, како и новата регулатива во платежната област во Европската Унија.

За време на конференцијата ќе биде одржана панел-дискусија на која истакнати експерти од платните системи, секторот Финтек и претставници од платежните институции ќе дискутираат за трансформативната моќ на дигиталните плаќања и предизвиците во плаќањата во интегрираниот свет.

Според организаторот, одржувањето на оваа конференција носи големи придобивки за платежната индустрија во домашната економија. Следењето на светските новини во оваа област треба да придонесе кон повисок степен на развој на платежните услуги, кон зголемување на нивната ефикасност и намалување на трошокот за нивно извршување.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2018 11:23