Првиот квартал од 2018 година во споредба со истиот период лани бележи пораст во сите економски сфери, освен во градежништвото-нискоградба.

Како што соопшти денеска на прес-конференција во Владата вицепрмиерот Кочо Анѓушев, презентирајќи ги анализите од информациите на државните институции и стопанските комори, во првиот квартал од годинава во споредба со првиот квартал во 2017 се очекува раст на земјоделството за околу седум отсто, на преработувачката индустрија за шест проценти, на услужните дејности за 10 отсто, како и на градежништвото, во високоградба.

Анѓушев посебно изрази задоволство од растот на извозот кој, како што напомена, е 14,3 проценти повисок во евра или дури 31 отсто во долари.

Зголемување, за пет отсто, бележи и додадената вредност, односно паричните средства кои се во оптек. Според вицепремиерот, вкупните приходи во буџетот во првиот квартал од годинава бележат раст од 4,6 отсто , даноците пораснале за 7,2 проценти, а придонесите за шест отсто.

- Овие бројки јасно говорат за економската активност. Владата успеа да ја врати економијата во реалните рамки, подвлече Анѓуишев на прес-конференцијата на која присуствуваа и економските министри, за финансии Драган Тевдовски, за земјоделство Љупчо Николовски и за транспорт и врски Горан Сугарески.

Во врска со нискоградбата каде Владата очекува единствен пад, се оценува дека намалувањето ќе достигне 35 до 40 проценти, а тоа се должи, како што објасни Анѓушев, на намалената активност на некои од компаниите како Синохидро и Трансмет.

Економските анализи за првиот квартал се однесуваат на периодот од 1 јануари до 30 април годинава. На пресот во Владата не присуствуваше министерот за економија Крешник Бектеши поради службен пат во Брисел.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2018 16:33