Со 15 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ - ИПА 2019 ќе се финансира земјоделството во Македонија. Работна група, како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги дефинира приоритетните области што ќе бидат финансиски поддржани, а првпат годинава ќе добие и секторот шумарство.

Според МЗШВ, првпат финансиска поддршка од ИПА 2019 ќе добие секторот шумарство во насока на воспоставување шумарски информативен систем што ќе биде важна компонента за одржливо стопанисување со шумите, за креирање на политиките за приближување на македонското шумарство кон современите текови и обезбедување податоци важни за развојот на овој сектор.

Ќе продолжи поддршката за инвестиции во мали системи за наводнување со дополнителни 3,5 милиони евра. Преку ИПА 2013 во тек е изработка на осум физибилити студии од кои три ќе бидат финансирани преку ИПА 2015 за кои се обезбедени три милиони евра со кои до септември ќе се подготват три физибилити студии за мали системи за наводнување по што ќе започне процедурата за изградба.

Со ИПА 2019 е предвидено финансирање на процесот на консолидација на земјоделското земјиште, за што се планирани околу 500.000 евра. Ќе продолжи и финансиската поддршка за земјоделските задруги.

Од Министерството наведуваат дека со цел навремено информирање на земјоделците и давање совети, со расположливите средства од ИПА 2019 ќе се поддржат советодавните услужни дејности за создавање европски модел за советодавни услуги за земјоделците.

Со проектираната сума од ИПА 2019, предвидена е финансиска поддршка за воспоставување систем за нус производи од животинско потекло, што е важно за контрола на болестите на животните. Со околу 1,5 милиони евра ќе се финансираат фитополитиките во насока на подобра поврзаност со сите други системи во секорот земјоделство, како и за модернизирање на банката за автохтони сорти.

Од Делегацијата на ЕУ посочија дека се залагаат за финансирање проекти во помалку развиените региони како југозападниот, североисточниот и полошкиот.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2018 13:05