Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки и заменик-министерот Јани Макрадули, градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу и советникот за животна средина и просторно планирање во кабинетот на премиерот, Драган Јованов, денеска во Желино ја посетија Економската зона во општината, во која домашната компанија „Рабер Вејст Менаџмент“ инвестира 8.5 милиони евра во изградба на фабрика за рециклажа на гуми, единствена од тој вид на Балканот, која ќе обезбеди 600 нови работни места.
За време на посетата и средбата со сопствениците на компанијата РВМ, Ремзи Шабани и Фаредин Рушити, премиерот Заев рече дека со посебен ентузијазам ги прифаќа поканите и информациите за иницијативите на нашите граѓани, за нивната посветеност и иновативност кога пристапуваат кон реализација на нивните бизнис иницијативи.
- Она што е значајно и што ја прави посебна оваа бизнис иницијатива е што се создава фабрика која ќе ја ослободи животната средина од автомобилските гуми како отпад, ќе ги преработува на современ начин, за потоа да се добие суровина која ќе се употребува за изградба на автопати, на патеки или на спортски терени, истакна Заев.
Според него, благородниот спој на бизнис проект кој во себе ја носи и компонентата за заштита на животната средина, е надополнета со уште еден фактор од значење на заедницата.
- Оваа фабрика ќе обезбеди нови, 400 работни места. И тоа, како што сме информирани е само почеток. Иницијативните сопственици планираат дополнување на инвестицијата со уште две нови фабрики со што целиот овој комплекс се претвора во една нова индустриска зона. Убеден сум дека тоа е од голема важност за граѓаните на оваа општина и за граѓаните на Република Македонија, потенцира Заев, додавајќи дека таа посветено работи на создавање на стабилен бизнис амбиент и фер деловен простор.
Заев објасни дека е многу е важно да се создаваат услови за развој и да се креира одржлив економски раст за подобар живот на сите бидејќи Македонија е и мора да биде држава на сите граѓани.
Во оваа прилика, на сопствениците на оваа компанија тој уште еднаш им ги презентираше мерките на Владата, на кои што тие можат да сметаат за поддршката на развојот на нивните бизнис проекти.
Инаку, од рециклажата на гумите во фабриката РВМ ќе се произведува смеса, која може се користи и за изградба на автопати, патеки, спортски игралишта и други намени. Објектот е со големина од 4.500 м2, со придружна зграда и опрема.
Вкупната расположлива површина е 180.000 м2 (18 хектари), а во склоп на оваа фабрика се замислени и 2 нови фабрики за друга намена. Просторот каде што се гради фабриката е во Индустриската зона - Желино, а изведувач на објектот и градбата е фирмата Градба груп - Скопје.