Претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка, како и претставници од домашниот финансиски сектор, во изминатите три дена во рамки на 11. Конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, дискутираа и разменуваа искуства за предизвиците на дигитализацијата на плаќањата.

Особен придонес, како што соопшти НБРМ, во овие дискусии имаа претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка.

Поздравувајќи го успешното завршување на уште една конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, вицегувернерката Маја Кадиевска-Војновиќ изрази задоволство од опсежните експертски излагања и дискусии коишто придонесуваат за унапредување на разбирањето на новите технологии и регулативи во платежната област, што би ја олеснило нивната примена во Република Македонија.

Во тој контекст, вицегувернерката истакна дека НБРМ и Министерството за финансии подготвуваат Нацрт-закон за платежни услуги и платни системи со кој се транспонираат сет на најзначајните регулативи на ЕУ во оваа област. Со усвојувањето на овој нацрт-закон, чие подготвување е во завршна фаза, се очекува зголемување на конкуренцијата во сферата на плаќањата преку влез на нови небанкарски даватели на платежни услуги, појава на иновативни решенија за извршување на плаќањата, намалување на цените на платежните услуги, обезбедување подобра заштита на потрошувачите и унапредување на сигурноста на дигиталните плаќања.

- Единаесет години по ред, НБРМ и Холандската централна банка во Охрид ја организираат меѓународната конференција за плаќања и пазарна инфраструктура. Ова 11-то издание беше фокусирано на предизвиците со кои се соочуваат регулаторите во услови на сѐ посилна дигитализација на плаќањата. Темата затоа беше „Време е за дигитализација“. Како резултат на апликациите коишто овозможуваат плаќања со мобилни телефони, разликите помеѓу физичките и виртуелните места сѐ повеќе ќе исчезнуваат. Покрај ова, со инстант плаќањата се овозможува вршење плаќања 24 часа на ден, што го поддржува непреченото функционирање на економијата, изјави претседателот на Конференцијата, Михил ван Дуверен, од Холандската централна банка.

Тој, исто така, посочи дека НБРМ и Холандската централна банка го поддржуваат развојот на нови производи за извршување на плаќањата и влезот на нови нивни даватели, како што е секторот „Финтек“ и дека добрата соработка меѓу сите засегнати страни ќе обезбеди сигурна и стабилна инфраструктура за плаќања.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2018 00:12