Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска имаше средба со рускиот претседател Владимир Путин, на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка, во кинескиот град Чингдао и притоа порача дека со Русија сака повеќе да разговара за повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран.

Рохани рече дека напуштањето на САД од тој договор бара „важен и сериозен разговор“ помеѓу Иран и Русија.

Притоа, иранскиот претседател ги поздрави блиските односи помеѓу Русија и Иран.

Иран има набљудувачки статус во Шангајската организација за соработка, а Путин рече дека Москва ќе го поддржи полноправното членство на Иран.

Рохани ја поздрави и руско-иранската соработка во Сирија, истакнувајќи ја улогата на двете земји во тој регион.

Според Рохани, повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран е „незаконско“, а од друга страна нагласува дека улогата на Русија во спроведувањето на тој договор е „важна и конструктивна“.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2018 23:50