Германија го поддржува соопштението на Г-7 и покрај одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја повлече поддршката за Декларацијата донесена на Самитот во Канада, вели портпаролот на германската Влада, Штефен Зајберт.
- Германија го поддржува заедничко договореното соопштение, наведе Зајберт во кратко соопштение.
Трамп, по неговото предвремено заминување од самитот на Г-7 во канадската покраина Квебек, за време на летот за Сингапур, на Твитер напиша низа обвинувања на сметка на домаќинот на Самитот, канадскиот премиер Џастин Трудо.
Тој напиша дека на претставниците на САД на самитот Г-7 им дал инструкции да не го поддржат заедничкото соопштение, иако претходно беше соопштено дека текстот има поддршка од сите седум членки на групата најразвиени земји во светот.
Американскиот претседател, исто така, го обвини Трудо дека дал „лажни изјави“, откако тој си заминал од Самитот.