На денешниот форум за одредување на критериумите за финансирање на проекти на општините, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, истакна дека со форумот, практично почнува имплементацијата на конкретни активности во рамките на проектот „Подобрување на општинското управување“, што се спроведува заедно со УНДП, а е финансиски поддржан од страна на Европската унија.
За проектот ЕУ има издвоено 2,4 милиони евра.
- Во рамите на проектот е планирано финансирање на осум проекти, во осумте плански региони, а во втората фаза ќе бидат финансирани проекти и во 30 општини, во вкупна вредност од над еден милион евра, посочи Фазлиу.
Тој наведе дека при денешните консултации биле договорени генералните принципи врз основа на кои ќе бидат изградени критериуми за подготовка и избор на првите осум проекти.
- Со оглед на тоа дека станува збор за плански региони, пред се тие треба да имаат развојна компонента. Тоа значи да се поттикне развојот на планските региони и да се зголеми нивната конкурентност во рамките на регионалната развојна политика на ЕУ, констатираше министерот за локална самоуправа.
Фазлиу наведе дека при креирањето на самите проекти треба да бидат земени предвид глобалните цели за одржлив развој како визија кон која што се стремат преку остварување на локалните и националните развојни политики.
Преку подобро управување на локално ниво да боезбедиме подобар пристап до услугите и подобар квалитет на живеење на сите граѓани. И овој проект е чекор во тој правец, заклучи Фазлиу.