Изјавата на претседателот на САД Доналд Трамп дека американската армија ќе ги прекине воените вежби со Јужна Кореја, предизвика недоразбирање во Сеул и портпаролот на јужнокорејскиот претседател побара објаснување за ова прашање.

Неколку часа по разговорите со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Сингапур, Трамп изјави дека воените вежби - насочени против Северна Кореја - ќе престанат. Тој додаде дека тие ги поттикнуваат тензиите и, ако престанат, „ќе се спасат огромни финансиски средства“.

Портпаролот на јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин изјави дека е неопходно да се разјасни „значењето и целта“ на изјавата на Трамп.

Американскиот претседател изрази и подготвеност да ги повлече војниците на САД од Јужна Кореја, но рече дека „токму сега тоа не е дел од равенката“, затоа што тој и Ким се фокусирале на укинување на нуклеарното оружје и постигнување мир на Корејскиот Полуостров.

Американската Воена команда во Јужна Кореја соопшти дека не добила „никакви нови упатства“ за редовните воени вежби во регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 01:28