Владата на денешната седница го утврди новиот текст на Предлог-законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.
Целта на законот, како што информираат од Владата, е тој да се усогласи со одредбите од четвртата ЕУ Директива за спречување на употребата на финансискиот систем за перење пари и финансирање на тероризам од 2015 година.
- Согласно оваа директива, меѓу другото, се прецизираат и усогласуваат одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици и се предвидува воспоставување на регистар на вистински сопственици во рамки на Централниот регистар на РМ. Со тоа се предвидува обврска за правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоците за нивните вистински сопственици, и се намалува износот на забраната за вршење на готовински плаќања од 15.000 евра на 2.000 евра, се вели во соопштението од Владата.
На денешната седница се утврдени и предлог-измените на Законот за трговски друштва со кои се предвидува да се изврши бришење на одредбите за тајни друштва за да се зголеми транспарентноста во правниот промет и да се намалат можностите за даночно затајување.
- На овој начин и со отстранување на оваа форма од правниот промет, Република Македонија ќе ја задржи оцената за размена на информации по барање на даночни цели и истата ќе има позитивно влијание и во однос на скрининг мисијата на работната група при Советот на ЕУ, која ја креира листата на некооперативни јурисдикции за даночни цели, велат од Владата.
Министрите ја усвоија и Информацијата за потребата од изградба на пливачки базени од „Проектот пливачки базени“ и е задолжена Агенцијата за млади и спорт да преземе активности во координација со останатите надлежни министерства и локалната самоуправа. На владината седница е усвоена и информацијата за потребата од продолжување на рокот за повлекување на парични средства од Договорот за заем (кредит) склучен меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Експорт Импорт банка од Кина од 08.01.2014 година и ПБЦ од 02.01.2014 година, за да биде продолжен и усогласен со новодоговорениот рок за извршување на работите со изведувачот на изградба на автопатот Кичево-Охрид.
Владата го усвои и новиот текст на Информацијата со анализа на рангот на Република Македонија кај индикаторот „Услови за прекугранично тргување” со предлог-мерки за подобрување на состојбите согласно препораките на извештајот Доинг Бизнис 2018 на Светска Банка.
На седницата е усвоена и Информацијата за извршена компаративна анализа во однос на надлежноста за управување со имот опфатен со финансиска мерка и е задолжено Министерството за правда во соработка со Агенцијата за управување со одземен имот да изготви Предлог–закон за изменување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и во определен рок да го достави до Владата на Република Македонија.
Усвоена е и Информацијата за текот на подготовката на проектот за унапредување на социјалните услуги и е задолжено Министерството за финансии да ја подготви и да ја достави апликацијата до Светска банка за избор на услови за обезбедување на заем.
Министрите ја разгледале и Информацијата за реализација на активности за воведување дуално стручно образование во средните стручни училишта и е задолжено Министерството за образование и наука да ја извести Владата најдоцна до 15 август за реализација на активностите за воведување на ова образование од учебната 2018-2019 година.
Владата го разгледала и Извештајот за работа на инспекцискиот совет и Информацијата за работа на инспекциските служби за првиот квартал за 2018 година и е препорачано формирање на работна група којашто треба да предложи мерки за зајакнување на капацитетите и за рационализација на инспекциските служби согласно препораките на извештаите на Европската Комисија.
Владините министри ја разгледале и Информацијата за прогресот и реализацијата на проектот „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан, како и Информацијата за напредокот на проектот за модернизација на железничка линија Табановце-Гевгелија кој предвидува воведување на Европскиот систем за контрола на возовите ETCS ниво 1 по должината на железничкиот Коридор 10 и подобрување на сигнализацијата на целата мрежа во Република Македонија и инсталирање на глобален систем за мобилна комуникација во железница GSM-Р.