Народната банка на Република Македонија ја објави едукативната публикација „Стрипотека со Денарко“ наменета за најмладата популација, пред сè за децата од основните училишта. Оваа публикација е уште еден од проектите со кои централната банка се обидува да придонесе за соодветно квалитетно финансиско образование на новите генерации, што ќе овозможи зголемување на финансиската писменост на населението во Република Македонија.

„Стрипотека со Денарко“ претставува збирка од петнаесет едукативни стрипови, чиј концепт овозможува интерактивно читање преку кое учениците, особено оние од повисоките одделенија во основните училишта, можат да ги стекнат основните знаења од темите коишто се важни за отпочнување на процесот на доживотно финансиско едуцирање. Стриповите и претходно беа објавувани во детските списанија кои учениците ги добиваат во основните училишта во земјава, што е резултат на залагањата на НБРМ да обезбеди што поголема литература за финансиско едуцирање на најмладите. Со намера овие стрипови да се користат за финансиско подучување и на следните генерации, преку овој проект НБРМ овозможи овие едукативни материјали да се приспособат и да се систематизираат во една целина, како одделна публикација, надополнети со нови информации коишто досега не беа опфатени во објавите во списанијата за деца. Сега, овие едукативни стрипови стануваат подостапни за наставниците и за родителите, а најмладите добиваат едно сеопфатно едукативно четиво.

Во НБРМ очекуваат дека во натамошниот период „Стрипотека со Денарко“, како четиво кое се вбројува меѓу малкуте публикации што целосно се фокусирани на финансиското подучување на најмладите, ќе наиде на интерес не само кај учениците во основните училишта, туку и кај наставниците и родителите.

Народната банка на Република Македонија најавува дека и натаму ќе извршува активности кои придонесуваат за подигнување на нивото на финансиска писменост на населението, посветувајќи ѝ одделно внимание и на младата популација.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 12:05