Најниската цена како критериум за доделување договор за јавни набавки, задоцнетото плаќање и обемната документација за учество на тендерите и понатаму се главните проблеми со кои се соочуваат фирмите.
Најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации заснован на анкетата со која беа опфатени 210 фирми покажува дека 95 проценти од компаниите сметаат оти на е-аукциите се постигнуваат нереално ниски цени и се занемарува квалитетот на набавките.
Дури 88 проценти од испитаните фирми сметаат дека има корупција во јавните набавки, но со различна оценка за нивото на нејзината присутност. Најголем дел или 47 проценти сметаат дека во јавните набавки има корупција, но ретко, 36 проценти одговориле дека има „често“, 12 проценти дека никогаш нема корупција и пет проценти дека секогаш има корупција.
Фирмите просечно чекаат по шест месеци и 21 ден за да ги добијат парите за завршената работа, а дури 96 проценти од нив никогаш или ретко се жалеле на тендерите во коишто учествувале, главно поради високиот надоместок за трошоците во жалбената постапка и недовербата кон Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Целиот процес на јавни набавки, фирмите го оценуваат со 2,85 на скалата од 1 до 5 и во однос на минатото истражување забележано е влошување на задоволството на компаниите кои учествуваат на тендерите.
Наодите од мониторингот покажуваат рекордно ниско ниво на јавните набавки во 2017 година. Вредноста на договорите за јавни набавки лани изнесувале 624 милиони евра, наспроти 962 милиони евра во 2016 година. Склучени се 496 договори за јавна набавка без објавување оглас во вкупна вредност од 29 милиони евра. Дури 12 милиони, односно 42 проценти од вкупната вредност на овие договори, им припаѓаат на Министерството за образование и наука и АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ).
Во периодот јануари-декември лани доставени биле 507 жалби до Државната комисија за жалби по јавни набавки што е намалување за околу девет проценти во однос на минатата година. Најголем дел од жалбите се доставени против донесените одлуки за избор на најповолна понуда.
Извештајот од мониторингот е достапен на веб страницата www.ccc.org.mk.