Економско-трговските релации помеѓу Македонија и Хрватска, можностите кои Македонија ги нуди за инвеститорите и нивното искористување од страна на хрватски компании, биле теми на денешната средба на министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска и хрватската амбасадорката во Република Македонија, Данијела Баришиќ.

Како што соопшти владината прес-служба, Апостолска ја информирала Баришиќ за поддршката која компаниите може да ја очекуваат од Владата.

Во таа насока истакнала дека со донесувањето на Законот за финансиска поддршка за инвестициите и правилниците за аплицирање се заокружи правната регулатива и се нуди правна сигурност за секој потенцијален инвеститор.

На средбата станало збор за успешни хрватски компании кои работат во Македонија, при што заеднички беше констатирано дека нивното искуство може да биде позитивен сигнал и за други хрватски компании да започнат да размислуваат за реализација на инвестиции во земјава.

Во насока на понатамошно развивање на економската соработка помеѓу двете држави, на средбата се разговарало и за конкретни бизнис настани во Хрватска, а на кои министерката Апостолска би имала можност да ги претстави условите за инвестирање во Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 15:07