Првичните монетарни податоци на Народната банка на Република Македонија за минатиот месец покажуваат значително забрзување на месечниот раст и на депозитите и на кредитната активност.
- Растот на депозитната база во овој месец во голема мерка е последица на повисоките корпоративни депозити, а позитивен, но поумерен придонес имаше и штедењето на домаќинствата. Во мај, на кредитниот пазар дојде до забрзување на кредитната активност, при што се забележува зголемување на кредитите и на населението и на претпријатијата. Депозитните и кредитните текови во текот на периодот април - мај се повисоки од проектираните за второто тримесечје, што укажува на натфрлање на проекцијата за овој период, соопшти денеска Народната банка на РМ пренесувајќи ги заклучоците од вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.
Според НБРМ, споредбата на последните макроекономски показатели со нивната проектирана динамика укажува на одредени отстапувања, а тоа особено се однесува на динамиката на економската активност.
- Според проценетите податоци за БДП за првото тримесечје, економијата бележи минимален раст од 0,1 процент, што е под оцените вградени во априлските проекции. Во првото тримесечје беше задржан континуитетот на солиден раст на извозната активност, како и умереното темпо на раст на потрошувачката на домаќинствата. Сепак, во услови на привремен прекин и пролонгирање на дел од позначајните инфраструктурни проекти, вкупните инвестиции забележаа пад, речиси неутрализирајќи ги позитивните остварувања кај останатите компоненти на БДП, се вели во соопштението од НБРМ.
Во однос на промените кај потрошувачките цени, расположливите податоци за мај годинава покажуваат просечен годишен раст на ценовното ниво од 1,5 проценти, при раст на сите компоненти, а со најголем придонес на базичната инфлација и цените на храната.
Според НБРМ, во периодот април – мај, поместувањата кај девизните резерви се во насока на нивно зголемување, при поволни движења на девизниот пазар и нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Остварувањата кај надворешно-трговската размена за април упатуваат на можност за остварување помал трговски дефицит од очекуваниот за второто тримесечје на 2018 година. Податоците за менувачкиот пазар, заклучно со првата декада на мај, укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери повисоки од очекувањата за вториот квартал.
Движењата на девизниот пазар, во комбинација со солидната девизна ликвидност на банките, овозможиле натамошно висока понуда на девизи на меѓубанкарскиот пазар и откуп на пазарниот вишок на девизи од страна на НБРМ, во износ од 8,5 милиони евра. Со тоа, во првите пет месеци од годината, НБРМ вкупно откупила 56,5 милиони евра од банките.
На седницата е заклучено дека последните макроекономски показатели и оцени иако упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, сепак засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за условите во коие се спроведува монетарната политика.