Агенцијата за стоковни резерви од следната недела да ја почне постапката за објавување јавен оглас за откуп на домашна пченица за потребите на резервите, во количина од 12.000 домашна пченица.
Овој заклучок денеска е донесен во Владата, каде се одржа втората седница на Комитетот за земјоделство и безбедност на храна, со кој што претседаваше заменик-претседателот на Комитетот, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
- На овој начин ќе се мотивираат мелничарите да откупуваат домашна пченица која потоа ќе ја продадат на Агенцијата за стоковни резерви, а ќе се влијае и да се постигне солидна откупна цена на домашното жито. Првпат ќе се пуштат и помали лотови на кои ќе можат да конкурираат и земјоделците. Овој предлог минатата недела беше прифатен од земјоделците и од мелничарите, соопшти владината прес-служба.
На седницата присуствувале советничката за земјоделство на премиерот Ленче Николовска, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и останатите директори на институциите од областа на земјоделство и претставници од МЗШВ.
На денешната седница се дискутирало за состојбите во житопроизводството и за мерки за надминување на проблемите, за состојбите со производството на праски и преземени активности и мерки за надминување на можни проблеми со нивен пласман, зголемување на капацитетите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и динамика на реализација на програмите.
Во однос на првата точка за состојбите во житопроизводството и мерките за надминување на проблемите, беше констатирано дека оваа година се очекува поголемо производство од минатата година или околу 300.000 тони пченица, со просечни приноси од 3.000 до 4.000 тони по хектар. Претставниците од МЗШВ посочија дека изминатиов период се одржани повеќе состаноци со земјоделците производители на пченица и со мелничарите откупувачи се со цел да се постигне договор од заеднички интерес.
Комитетот го отворил и прашањето за моменталниот откуп на праски. Во најголемиот производствен регион за праски, Росоман, годинава насади со праски има на околу 5.000 хектари, од кои се очекува производство од 12.000 до 13.000 тони праски. Во моментов откупната цена на квалитетните праски е 20-23 денари за килограм, а праските за преработувачката индустрија и чиј род се проценува на 500 тони, цената е два денара за килограм.
Министерот Николовски, како што се наведува, потенцираше дека субвенциите за предадено овошје во преработувачките капацитети оваа година се зголемени од два на три денари за килограм предадено овошје која им стои на располагање на земјоделците кои имаат праски за предавање во преработувачки капацитетите. Николовски нагласил дека Владата преку МЗШВ интензивно работи на проширување на листата на нови пазари за пласман не само на праските, туку и на останатите земјоделски производи.
- Се продолжуваат активностите за зголемување на извозот на земјоделски производи, вклучително и праските во Руската федерација, како наш традиционален пазар. Тимови од МШЗВ и од Македонско-руската комора веќе имаат одржано неколку состаноци со одговорните на руската служба „Росејхоснадзор“ со цел отстранување на сите потенцијални бариери и зголемување на извозот од Македонија, соопшти Владата.
Оттаму информираат дека се работи на проект преку кој македонските стопанственици ќе можат да имаат директна продажба на производите пред руските ланци на маркети што би се спроведувало преку Македонскиот дом во Русија, а со цел избегнување на посредници кои во моментов ја диригираат и условуваат цената и количините на производите, на штета на производителите. Се констатирало дека најголем проблем во моментов е што нема соодветна база на податоци за количини, цени и динамика во сезона на берба на производите за да може да се понудат на странските пазари.
Министерот Николовски потенцирал дека уште пред неколку месеци е испратен допис до сите конзуларни канцеларии и до амбасадорите да помогнат во делот на отворањето на странските пазари за македонските земјоделски производи. Тој информирал дека МЗШВ има изготвено листа од околу 50 заинтересирани фирми за инвестиции, од кои дел се заинтересирани за изградба на откупно-дистрибутивни центри за што работните групи во МЗШВ веќе имаат направено мапирање на региони каде би се граделе.
Во однос на зголемувањето на капацитетите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и динамика на реализација на програмите, директорот на АФПЗР посочил дека со новите вработувања се работи на зајакнување на капацитетите. Тој потенцирал дека досега од првиот јавен повик за ИПАРД 2 се склучени 138 договори за мерката 1 и 3, односно инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства и инвестиции во материјалните средства за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи. Оваа бројка се очекува да се зголеми во следниот период.
Владата информира дека исплатата на субвенциите се одвива континуирано, со реализација од околу 95 отсто.