Грција останува топ дестинација за летување за македонските граѓани. Најголем дел од нив ќе одмараат во туристичките места во соседна Грција, иако годинава аранжманите се поскапи за разлика од лани, а воведена е и туристичка такса којашто се движи од 0,5 до четири евра во зависност од сместувањето.
Туристичките агенции велат дека има интерес и покрај тоа што цените се зголемени за околу 30 проценти и оти плаќањето на туристичката такса не претставува никаков проблем.
- Има интерес како и претходните години, а туристичката такса не претставува никаков проблем бидејќи цената е симболична. Аранжманите се поскапени и тоа го забележуваат туристите. Тоа не го диктираат агенциите, туку закупците од Грција. Преголема е конкуренцијата од српски и македонски агенции и нормално е да се зголемуваат цените. Но колку и да се поскапи цените, тоа не влијае врз нашите туристи и од година во година е се поголем бројот на патници кои патуваат во Грција, посочуваат од туристичките агенции.
Во дел од туристичките агенции веќе се распродадени поголем дел од аранжманите за јуни и септември, а се продаваат се уште за јули и август.
Најмногу се бара сместување за првиот и вториот крак, но во последно време станува актуелен и третиот крак.
- Од пред две сезони нудиме аранжмани и на третиот крак. Во почетокот беше тешко да се промовира овој дел, не затоа што е лош, туку затоа што нашите туристи не биле таму и велат дека е далеку. Но како почнуваат да ги откриваат овие места, така се повеќе го бараат овој крак, истакнуваат од туристичката агенција „Атлантик Турс“.
Во екот на летната сезона од средината на јули до средината на август цените за изнајмување студио за седум дена се движат од 300 до 500 евра, додека сместувањето во хотел со три ѕвездички чини минимум од 300 до околу 400 евра по лице на база полупансион што значи дека едно четиричлено семејство треба да одвои околу 1.600 евра за седумдневен одмор со појадок и вечера. И Државниот завод за статистика излезе со податок дека пораст на индексите на трошоците на животот во мај е забележан и кај туристичките пакет-аранжмани за 12,1 отсто. Патувањето во Грција годинава со нови такси Грција од почетокот на годинава воведе туристичка такса која се движи од 0,5 до четири евра во зависност од сместувањето. Така, за хотели со една или две ѕвездички и за приватни соби, студија и апартмани се плаќа по 0,5 евра на ден, за соба во хотел со три ѕвезди 1,5 евра, додека три евра е туристичката такса за хотели со четири ѕвезди и четири евра за хотели со пет ѕвезди. Таксата се пресметува како дневен фиксен износ по соба, а не по лице. Граѓаните кои ќе одат преку граничниот премин Евзони ќе треба да подготват и 1,80 евра во еден правец за патарината која се наоѓа во непосредна близина на граничниот премин. Граѓаните едногласни - Грција е најблиску, а туристичката такса не е голем трошок Граѓаните се одлучуваат да го поминат летниот одмор во Грција поради близината, а туристичката такса, како што посочуваат, не ги поколебала да уплатат аранмжани во оваа соседна држава. - Аранжманите се поскапи во споредба со лани, но воведувањето на туристичката такса не претставуваше проблем да се одлучам да уплатам одмор во Грција. Сепак, Грција ни е најблиска дестинација и патувањето до местото на одмор е многу полесно отколку во другите соседни земји кои имаат море. Покрај тоа, на завидно ниво е хигиената во сместувачките капацитети и на плажите и се чувствувам сигурен кога јадам во ресторан заради стандардите кои ги имаат или при купување на прехранбени намирници. Единствено ми смета потценувачкиот однос на Грците кон нас и би се чувствувал многу подобро доколку би биле слични на Турците кои го ценат секој турист без разлика од која земја доаѓа, вели скопјанец, кој заедно со семејството ќе летува во Грција. Дел од граѓаните сметаат дека може да се најдат поволни понуди за соседна Грција доколку се побара подобро меѓу туристичките агенции. - Во однос на воведените туристички такси, тоа е релативно мало оптоварување гледано од аспект на свекупните трошоци, вели скопјанка, која веќе има уплатено аранжман во Грција. Граѓаните се задоволни од понудите во Грција и се надеваат дека случувањата околу спорот со името нема да им ги нарушат плановите на туристите. - Со раната резервација летувањето нема да ни биде поскапо од претходните сезони. Одиме на иста дестинација веќе неколку години, на проверено место, и досега сме биле задоволни од понудата. Се надевам дека политичкиот спор меѓу двете држави, како и во изминатиот период, нема да ги нарушат плановите на туристите од Македонија и на нивните домаќини од Грција, вели Елена од Скопје. Актуелна и Турција со all inclusive аранжманите Од туристичките агенции кои во своите летни понуди имаат аранжмани за Турција истакнуваат дека има голем интерес и за туристичките места во ова држава, иако и таму цените се повисоки за разлика од лани. - Интересот е голем за Турција и се зголемува од година во година. Има зголемување на цените во однос на лани кога тие беа пониски. Лани, Турција беше во една друга поделикатна фаза од своето туристичко работење и цените беа доста пониски, несвојствено за тој регион. Веќе сега се враќаат во нормала. Во однос на лани, аранжманите се поскапи, но не поскапи од регуларното, наведуваат од туристичката агенција „Савана“ која има богата понуда за Турција. Одмор во солиден хотел со all inclusive понуда за седум дена во Турција во просек чини околу 400 евра со авионски превоз и сите дополнителни трошоци. За оние со подлабок џеб, туристичките агенции за летово нудат аранжмани и за Хургада, Малдиви, Коста Брава, Бали, Малта.... Билјана Анастасова - Костиќ