Дојче веле - Бон

Повеќе од 200 милиони малолетници во светот мора да работат, често валкани и опасни работи за мали плати. И додека нејзините врсници играат со фудбалска топка, Софија имала само шест години кога почнала да ги шие.

Софија има 13 години и со години нејзиниот живот се врти околу фудбалските топки. Но, не за игра: таа ги шие. Попладне е во нејзиното село на север од Индија и пред неа се кожни парчиња, веќе исечени во неопходната форма. Речиси готовата топка ја држи помеѓу нозете и со двете раце со дебела игла ја шие кожата: Добивам материјал и тогаш тоа морам да го сошијам. Понекогаш се боцкам, тоа многу боли.

Иако тоа го работи скоро седум години, ретко успеава да сошие повеќе од две топки дневно.Тоа е тешка работа која бара многу внимание. Но, нејзиното семејство не може без приходот од топките на Софија: Ми плаќаат по десет рупии по топка. И моите сестри исто така шијат топки.

Со училиштето стана уште потешко

Десет рупии - тоа е едвај 13 евроценти. Таквата, рачно изработена топка во продавница на Запад чини десетици пати повеќе, но Софија и нејзиното семејство немаат никаква корист од тоа.

Нејзината мајка е малку засрамена што нејзината ќерка работи додека другите деца во тоа време можат да си играат. - Потребна ни е помош од нашите деца за да преживееме. Но, сепак, одат на училиште пред пладне .

Меѓутоа, тоа е нешто ново за Софија, иако нејзиниот живот не стана полесен. Пред само две години во нивното село дојдоа активисти од една хуманитарна организација за заштита на децата и ги укорија нејзините родители: „Зошто не ги праќаш децата на училиште, тоа е твоја законска обврска, сите деца мора да одат на училиште“, им рекле на нејзините родитрели. Тие биле изненадени - воопшто не знаеле дека постои училишна обврска.

Така, Софија имала 11 години кога почнала да оди на училиште: „Наутро одам на училиште, потоа ручам, а потоа шијам топки. Подоцна одам на училиште за изучување на Куранот, а потоа повторно шијам“, вели Софија. И така, работи до доцна во ноќта, а утредента повторно се од почеток.

Не постои „детски труд", но тие смеат да „помогнат"

Во Индија има многу малолетници, дури и деца на возраст под 14 години, кои мора да работат: во текстилна индустрија, ткаење теписи, па дури и во каменоломи и рудници. Индиската влада гордо истакнува дека бројот на такви млади работници е преполовен во последните десет години со законите за задолжително образование или воведување казни за вработување деца.

Но, минатата година, Парламентот на Индија го „омекна" законот против детскиот труд и според него, и децата на возраст под 14 години можат да им „помагаат“ на своите родители. Така, теоретски, Софија не работи, туку им „помага" на своите сиромашни родители да спојат крај со крај, бидејќи и тие самите работат за надница.

Додека ги шие несреќните топки, а особено сега кога оди во училиште, Софија сонува за својата иднина, за добра работа и голема плата: „Сакам да станам докторка. А кога јас ќе имам деца, тогаш тие нека одат на факултет без претходно да мора да шијат фудбалски топки“

Но, за Софија, тоа најверојатно ќе остане само сон.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/06/2018 12:20