Одлуката, како што и се најавуваше, за гласање недоверба на грчката влада, од собраниската говорница ја соопшти Кирјакос Мицотакис за време на расправата за новиот нацрт закон што се однесува на среднорочната рамка за финансиската стратегија за периодот 2019-2022.
Лидерот на Нова демократија рече дека тоа е негова обврска кон грчкиот народ и го предизвика Ципрас, предлогот за гласање недоверба да го претвори во предлог за гласање доверба за да се види дали постојат 154 пратеници „што се подготвени да кажат „да за потпишувањето в недела во Преспа“, јави дописничката на МИА од Атина
- Имам обврска кон грчкиот народ, да се обидам да ја спречам ставањето под хипотека на иднината на нашата татковина со договор што им штети на националните интереси. Под денешните околности, бидејќи владата не поседува ни народно овластување ни политички легитимитет да продолжи со нејзиниот неодговорен тек, парламентарната група на Нова демократија, согласно со членовите 84 од Уставот и 142 од Правилникот за работа на парламентот, веднаш по завршувањето на денешната расправа, доставува предлог за гласање недоверба на владата, објави Мицотакис.
Според информациите од Атина, расправата за недоверба на владата ќе започне денес, во 18 часот по локално време.