Градоначалници и претставници на 11 општини од Источниот плански регион денеска во Штип се информираа со какви проекти да аплицираат за Програмата за фианнсиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2018 година. Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски истакна дека ова е можноста на општините да аплицираат со проекти и да решат дел од проблемите во руралните населби.
- Градоначалниците и претставниците на локалните самоуправи од регионот, претставниците од Центарот за развој на источен плански регион и сите служби коишто работат на оваа проблематика од општините од овој регион ќе можат да се запознаат подобро со мерките коишто се нудат за поддршка на руралниот дел од општините. Источниот плански регион има 11 општини и голем број населени места коишто се рурални и затоа се особено важни овие мерки, вели Бочварски.
Истакна дека општина Штип досега има користено во повеќе наврати средства од Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој преку достапните мерки. Кога станува збор за руралниот развој, подеднакво значајни и корисни се сите три мерки: мерка 321 – Подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, мерка 322 – Обнова и развој на селата и 323 – Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја.
Во состав на Источниот регион влегуваат 11 општини, по текот на реката Брегалница. Во поглед на урбанизираноста, регионот е поделен на 217 населени места, од кои 209 места се карактеризирани како рурални населби кои се соодветни за аплицирање за средства од Програмата со цел подобрување на квалитетот на живот во руралните средини.
Информативниот настан е организиран од страна на Центар за развој на источен плански регион и Бизнис центарот. На него присуствуваа претставници од општините во источниот плански регион, како и претставници од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот Развој.