Македонија го гарантира странскиот капитал преку владеење на правото - добредојдени сте да инвестирате во земјата, порачаа претставниците на економскиот тим на Владата на Република Македонија на денешните средби во Франкфурт со германските инвеститори на кои ги презентираа можностите што ги нуди земјава за потенцијалните инвеститори од Германија како и Планот за економски раст.
Делегација на Владата предводена од вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, денеска имаше работен ручек со претставници на големи германски компании, бизнисмени и стопански комори. На работниот ручек присуствуваа и министрите за финансии, за економија и за здравство, Драган Тевдовски, Крешник Бектеши и д-р Венко Филипче, како и Александар Младеновски, директор на ДТИРЗ.
Дел од компаниите веќе инвестираат во Македонија, а дел, како што рекоа министрите, размислуваат и се пред одлука да стартуваат свој бизнис во земјата.
- Инвеститорите покажаа интерес за три сегменти: државната помош, која оваа Влада ја направи транспарентна и за која Собранието го донесе Закон за финансиска поддршка на инвестициите. Во исто време ги интересираше и стабилноста на државата и владеењето на правото и како ќе најдат млади, паметни и интелегентни луѓе коишто ќе работат во нивните компании, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Министрите ги уверија компаниите дека во сите сегменти постигнуваме резултати и дека Македонија е посакувана земја за странските инвеститори.
- Ги поканивме компаниите да дојдат и да вложуваат во Македонија. Им ги претставивме нашите можности за инвестирање и многу сме задоволни од средбите со нив. Вакви работни посети планираме и во други држави, потенцираше министерот Бектеши.
Потенцирајќи дека посетата на економските министри овде во Франкфурт е поради големиот интерес на германските компании својот капитал да го насочат кон Македонија, министерот за финансии Тевдовски, рече дека тоа е така бидејќи Република Македонија се движи во вистинска, позитивна насока и има одлична фискална позиција.
- Разговаравме на различни теми, од макроекономската стабилност, фискалната позиција и можности за водење бизнис, транспарентноста што ја правиме и која е препознаена од ЕУ, ММФ и Светска банка. Инвеститорите особено се интересираа за понудата на работна сила што ја има во Македонија. Истакнавме дека има можност компаниите да влезат во нашата земја што ќе придонесе од една страна, за развој на економијата и ќе се обезбедат пристојни плати, додаде Тевдовски.
Економските министри на компаниите од Германија, исто така им укажаа дека Македонија со чекорите што ги презема се етаблираше како стабилна земја, отворена кон соседите и кон светот, земја којашто се гледа во ЕУ и во НАТО.
Во текот на денешниот ден, министрите остварија и кратка средба со претставници на Дојче Банк.
Во моментов околу 200 компании со германски капитал работат во Македонија и во нив има над 20 илјади вработени. Во периодот од јануари до март оваа година, извозот од Македонија во Германија изнесува 643,2 милиони евра и претставува зголемување за 16 отсто во споредба со истиот период од минатата година.