Турција и предложи на Русија заедничко производство на антибалистички ракетни системи С-500, соопшти турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, потврдувајќи ја намерата на официјална Анкара да добие руски системи и покрај негодувањето на САД.
- Освен тоа (освен системите С-400), упатив предлог до Русија за заедничко производство на С-500, изјави турскиот претседател во телевизиско интервју.
Комплексите C-500 се уште се развиваат и се очекува да бидат подготвени до 2020 година, како дополнување на постојните C-400, но се со поголем дострел. Турција ќе ги добие првите комплекси С-400 до јули 2019 година.
Како одговор на реакциите на одделни земји против тоа Турција да се стекне со системи С-400, Ердоган потсети дека и Грција, која исто така е членка на НАТО, има постара верзија на руските ракетни системи С-300 на своја територија.