Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан оцени дека во дијалогот меѓу Белград и Приштина е видлив нов импулс, иако засега нема конкретни резултати.
Според него, тој нов импулс првенствено се должи на промената на пристапот на Косово, кое досега на разговорите им пристапувало со „помала волја од Србија“.
- Можеби порано имаа помалку волја за дијалог од Србија, но сега сфаќаат дека тој е и во нивни интерес, нагласи Хан на средба со дописниците на европските медиуми во Брисел.
Хан оцени дека во Косово во моментов постои позитивно располоежние, што, според него, се должи на испраќањето на експертскиот тим на ЕУ за финална проценка за исполнување на условите за визна либерализација за косовските граѓани, откако Собранието во Приштина го ратификува Договорот за демаркација на границата со Црна Гора.
- Тие видоа дека добиваат нешто за возврат и дека има позитивни сигнали кон нив, Убеден сум дека таквиот простап може да донесе нова енергија и во дијалогот, истакна Хан.
Според него, иако во моментов „нема ништо конкретно“ во врска со дијалогот меѓу Белград и Приштина, сепак се чувствува „позитивен развој на атмосферата“ меѓу двата партнери во разговорите.