Русинките не треба да спијат со странците кои ќе пристигнат за Светското првенство, бидејќи ќе останат самохрани мајки, смета руската пратеничка Тамара Плетњова.
Според 70-годишната пратеничка, доаѓањето на стотици илјади мажи во Русија значи дека „ќе има жени, кои ќе излегуваат со нив, а некои ќе останат бремени и ќе родат деца“.
- Меѓутоа се надевам дека нема да го направат тоа, истакна пратеничката, која е претседател на Комисијата за прашањата на семејството, жените и децата.
Плетњова во интервјуто за радио „Москва“ наведува дека за време на Олимпијадата во 1980 година многу Русинки родиле деца од странци, а дел од нив биле од „друга раса“.
- Децата родени од мешани двојки најмногу страдаат и така e уште од советско време, бидејќи најчесто мајките се принудени сами да ги одгледуваат, а татковците ја напуштаат земјата штом натпреварувањата ќе завршат, истакна таа.
Плетњова смета дека Русинките треба да се мажат за „руски државјани, да создаваат стабилни семејства и мирно да живеат“.
Нејзините ставови предизвикаа бран од негодувања и лавина од критики на руските социјални мрежи.