14 јуни 2018

Денес, 14 јуни 2018 година, во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), со поддршка од Народната банка на Република Македонија (НБРМ), Централната банка на Холандија, Банката на Словенија и словенечкото Министерство за надворешни работи, успешно се оддржа веб-конференцијата „Финансиската вклученост и улогата на платните системи“, на која учесници беа вработени и раководители во одделите за платни системи и платежни услуги на повеќе централни банки и други финансиски институции на земји од Југоисточна Европа, Блискиот Исток, Азија и Африка. Поканата претставник на НБРМ да биде еден од тројцата презентери на оваа веб-конференција претставува уште еден показател за високото меѓународно вреднување на успешноста со која нашата централна банка ги остварува законските овластувања за воспоставување, регистрирање и вршење надзор над сигурноста, стабилноста и ефикасноста на системите за плаќање, порамнување и клиринг.

Како претставник на НБРМ, презентер на веб-конференцијата беше д-р Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи, а заедно со него, презентери беа и Михил ван Дуверен и Џудит Луман, советници во Дирекцијата за политика на плаќањата од Централната банка на Холандија, во соработка со која нашата централна банка ја организира традиционалната меѓународна Конференција за плаќања и пазарна инфрструктура. Фактот што за презентери на оваа веб-конференција беа поканети претставници токму на овие централни банки, дополнително укажува дека во меѓународната, не само централнобанкарска туку и финансиска заедница воопшто, НБРМ веќе е етаблирана како банка којашто е сериозен поттикнувач на прифаќањето на предизвиците за развој и промени во платежната индустрија.

Целта на оваа веб-конференцијата беше да се разгледа улогата на платните системи во поглед на зајакнување на финансиската вклученост, односно да се објасни нивната улога, особено улогата на малите плаќања, во постигнувањето поголема финансиска вклученост и поголем пристап до финансии, кои се сметаат за предуслов за натамошен развој на финансискиот пазар. Истовремено, во презентациите и дискусијата, внимание им беше посветено и на компаниите од секторот „финтек“, како значаен двигател за постигнување поголема финансиска вклученост, на мерењето на нивото на финансиска вклученост од гледна точка на плаќањата и на дефинирањето на националните стратегии за финансиска вклученост и нивното усогласување со националните и меѓународните прописи и платни системи. Особено значајно е што во завршниот дел на веб-конференцијата, претставникот на НБРМ одржа презентација во врска со искуствата на Република Македонија со финансиската вклученост, којашто предизвика интерес кај учесниците, што беше забележливо и во дискусијата што се водеше потоа.

НБРМ и натаму ќе продолжи да ја развива соработката со ЦЕФ и со другите меѓународни институции и организации коишто овозможуваат платформа за размена на искуства и знаења меѓу централните банки и финансиските институции, воопшто.

НБРМ



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2018 03:41