За нас, Македонија е Грција и Грција е Македонија, рече министерката за Македонија и Тракија, Мариа Колиа Царуха од редовите на Независни Грци, говорејќи на расправата во парламентот и го повтори ставот на нејзината партија дека нема да гласаат за договорот, но остануваат во владата, ја поддржуваат и ќе гласа против предлогот на Нова демократија за недоверба на владата, јави дописничката на МИА од Атина.
- Ние, Независни Грци, како јасно патриотско движење, остануваме цврсто на нашата одлука да не го поддржиме предлогот за името на Скопје што на било кој начин ќе го содржи името Македонија кога и доколку овој договор дојде за ратификација во парламентот. Нема да дозволиме на никој, фалсификување на нашата историја. За нас и за мене лично името Македонија не се отстапува, не се доделува, ниту сложено, ниту со било каква одредница и затоа нема да гласаме за никаков договор од овој вид, ако и доколку дојде за гласање во парламентот. За нас и за мене лично, Македонија е Грција и Грција е Македонија, рече Царуха.