Договорите меѓу Македонија и Бугарија и Македонија и Грција се многу важни и сметам дека новиот со Грција нема да се одрази на нашиот, рече министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева одговарајќи на прашање на МИА како потпишувањето на доворот меѓу Македонија и Грција ќе се одрази на веќе потпишаниот договор меѓу Македонија и Бугарија за добрососедство.

Захариева мисли дека новиот договор нема да се одрази на договорот што го имаат потпишано Македонија и Бугарија.

- Ние имаме договор меѓу нас од неодамна, но не мислам дека новиот договор ќе се одрази на нашиот договор, затоа што во предлог договорот меѓу Република Македонија и Република Грција има одредба која вели дека ништо не може да противречи на веќе потпишани пред тоа двострани договори. Мислам дека и двата договори се многу важни и ние ја даваме целата поддршка и правиме се што е возможно на крајот на месецот, на самитот на Европскиот совет на 26 и потоа на 29 и 30 јуни, Македонија да започне преговори за членство во Европската унија. Тоа е нашата цел, рече Захариева.

Додаде дека по потпишувањето на договорот меѓу двете држави, пораснала трговијата и бизнисот, а зголемен е и бројот на туристи меѓу двете држави.

- Тоа е начинот, да бидеме заедно и да работиме заедно за европската иднина. Ние ќе продолжиме да даваме поддршка и по нашето претседавање со Европската унија. Убедена сум дека тоа треба да се случи и тоа е најдоброто за граѓаните на Република Македонија, рече Захариева, која денес престојуваше во посета на градинката „Сонце“ во Ново Село, каде бугарската влада донираше компјутери.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/06/2018 04:38