Болната семејна историја делумно го појаснува ставот на опозициската грчка партија Нова демократија во однос на договорот меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името, вели Елмар Брок, задолжен за надворешна политика во ЕПП.
Договорот, кој го постигнаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на 12 јуни, а кој утре треба да биде потпишан, наиде на неодобрување од страна на главните опозициски партии во двете земји, ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија, пишува Еуроактив, пренесува МИА.
Двете партии припаѓаа на десничарката Европска народна партија (ЕПП), која претходно изрази поддршка за конечно решавање на спорот меѓу Македонија и Грција.
Елмар Брок, кој се смета за близок сојузник на германската канцеларка Ангела Меркел, изрази надеж дека сите страни ќе успеат да се усогласат со цел да се стави крај на спорот.
- Бидејќи тогаш ќе се реши криза која трае со децении...се надевам дека прашањето ќе биде суштински разгледано и при тоа ќе бидат избегнати препукувањата меѓу партиите, нагласи Брок, пренесува МИА.
Тој истакна дека доколку договорот се придвижи напред, како што е предвидено, ќе бидат отворени вратите на Македонија за влез во НАТО и ќе биде отворен процесот за преговори со ЕУ, а тоа, како што рече, „ќе биде многу лоша зделка за Русија“.
- Поради тоа ова е начинот за намалување на влијанието на Русија во регионот, нагласи тој.
Во врска со ставот на лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, Брок вели дека има огромно разбирање за проблемот со кој се соочува тој во неговата партија, поради тоа што му се случи на неговиот татко Константинос Мицотакис во 1992 година, чија влада падна поради спорот за името.
Брок се осврна на турбуленциите во Нова демократија, кои еруптираа кога тогашниот министер за надворешни работи Андонис Самарас не се согласи за решение со двојна формула, предложена од Константинос Мицотакис и си поднесе оставка, а неколку месеци подоцна падна и владата.
Самарас, кој беше премиер на Грција од 2012 до 2015 година се уште е влијателен партиски член и остро се противи на тоа терминот „Македонија“ да биде вклучен во името на северниот сосед.
Тој договорот постигнат меѓу Атина и Скопје го нарече „непотребен и понижувачки компромис“.
Брок изрази разбирање за Кирјакос Мицотакис, но напомена оти сето тоа треба да се држи под контрола и изрази желба „на крајот на денот сепак да дојде до позитивен исход“.
- Сето тоа зависи од Нова демократија, но јас се надевам дека на крајот ќе дојдеме до позитивбн исход, рече Брок, нагласувајќи дека на Атина и требаат гаранција дека Скопје нема никакви претензии кон „грчката провинција Македонија во северниот дел на земјата“.
Еуроактив вчера ја праша високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, како таа како социјалист го коментира фактот дека ЕПП беше единствената политичка група, која се уште официјални не го поддржа решението за името.
Мoгерини одговори дека таа била во Европскиот парламент кога пристигнале добрите вести и оти кога таа тоа го соопштила имало овации од сите политички партии.
- Нема да коментирам тука и денеска за какви било можни чекори кои би требало да бидат преземени од една или друга политичка партија, нагласи таа.