Денес овде во Преспа почнуваме да пишуваме нова среќна песна, рече грчкиот премиер во обраќањето за време на церемонијата на потпишување на договорот меѓу Македонија и Грција.
Алексис Ципрас откри дека е љубител на балканската музика, особено на блех музиката, но и на среќните и весели мелодии од регионот и рече дека „дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.
- Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот, рече грчкиот премиер.
Средбата во Преспа ја карактеризираше како состанок со историјата поради историското значење на областа.
- Денес се наоѓаме тука гледајќи ја во очи историјата на нашите народи, се наоѓаме овде за и двајцата да ја извршиме нашата патриотска должност, рече грчкиот премиер.
Говорејќи за договорот, Алексис Ципрас рече дека е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.
- Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи, истакна грчкиот премиер.
Ципрас ја спомена и првата средба со Заев пред шест месеци во снежниот Давос, каде што било многу студено исто како и студот во односите меѓу двете земји во изминатите 25 години
Грчкиот премиер им се заблагодари на присутните, но и на медијаторот и спомена дека Метју Нимиц денес има роденден, велејќи дека не можело да се одбере подобар ден за потпишувањето на договорот од денот на неговиот роденден.