Вкупната количина на нуклеарно оружје во светот се намалува, но сите нуклеарни држави продолжуваат да ги модернизираат своите арсенали, стои во најновиот извештај за состојбата со нуклеарното оружје, кој денеска го објави Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ).
Според податоците на Институтот, на почетокот на 2018 година девет нуклеарни држави - САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја - поседувале 14. 465 единици нуклеарно оружје, или 470 единици помалку отколку на почетокот на минатата година. Намалувањето на оваа количина главно се должи на спроведувањето на Договорот за намалување на стратешкото оружје меѓу САД и Русија од 2010 година, познат како Нов почеток. Двете најголеми нуклеарни држави имаат 92 проценти од светското нуклеарно оружје, истакнува СИПРИ.
Авторите на извештајот подвлекуваат дека и покрај намалувањето на нивните арсенали, и САД и Русија „спроведуваат програми за замена и модернизација на нуклеарните боеви глави и средствата за нивна испорака - ракетни и авијациски, - како и на моќноста за нивното производство“.
Иако нуклеарните арсенали на другите земји се значително помали, сите тие, исто така, се занимаваат со нивно усовршување и распоредување или тврдат дека имаат такви намери. Тоа е случај со ривалите Индија и Пакистан, кои исто така ги прошируваат своите резерви на нуклеарно оружје, се вели во извештајот. Северна Кореја, исто така во 2017 продолжи да постигнува напредок во развивањето на нуклеарно оружје и тестирањето на балистички ракети во голем опсег, истакнува СИПРИ.