Претседателот на САД, Доналд Трамп, попладнево упати провокативни пораки кон Германија и Европската Унија поради миграциската криза.

Тој твитна: „Германскиот народ се врти против своето лидерство додека миграцијата го ниша бродот на веќе кревката коалиција во Берлин. Криминалот во Германија е многу зголемен. Голема грешка е направена низ цела Европа со пуштањето на милиони луѓе кои силно и насилно им ја сменија културата“.

Пораката доаѓа во чувствителен момент во Европа како и во САД. Лидерите на ЕУ имаат потешкотии да изнајдат компромис во пристапот кон миграциските прашања, додека во САД новата заострена политика кон мигрантите создаде гнев кај многу американски граѓани, поради одлуката да се разделуваат децата од сопствените родители со месеци, а понекогаш и години, додека чекаат одлука од властите за нивниот статус.

Трамп исто така неодамна се одлучи за протекционистички мерки за увозот на челикот и алуминиумот во САД, вклучително и од земјите на ЕУ, на што Унијата возврати со реципрочни рестриктивни мерки кон традиционални американски производи. Американскиот претседател исто така одби да го потпише завршното соопштение од Г-7 состанокот посветен токму на трговијата, меѓу другото.

Американскиот амбасадор во Германија пред две недели изјави дека сака да ги “засили“ екстремно конзервативните партии во Европа и да ги “охрабри“ да се “кренат“ против елитите, што предизвика револт кај германските политичари. Многумина од нив повикаа амбасадорот да биде протеран.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2018 16:00